Wikisource mkwikisource https://mk.wikisource.org/wiki/%D0%93%D0%BB%D0%B0%D0%B2%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B0 MediaWiki 1.47.0-wmf.7 first-letter Медиум Специјална Разговор Корисник Разговор со корисник Wikisource Разговор за Wikisource Податотека Разговор за податотека МедијаВики Разговор за МедијаВики Предлошка Разговор за предлошка Помош Разговор за помош Категорија Разговор за категорија Автор Разговор за автор Page Page talk Index Index talk TimedText TimedText talk Модул Разговор за модул Event Event talk Маѓеснико што му баја на трите царцки снаи да родат по едно машко дете и едно од децата да му даат на маѓеснико бакшиш 0 10225 22385 2026-06-16T15:00:56Z Orce Wiki 3746 Создадена страница со: {{Заглавје |заглавје =Маѓеснико што му баја на трите царцки снаи да родат по едно машко дете и едно од децата да му даат на маѓеснико бакшиш |глава = |претходна = |следна = |забелешки =Фантастична приказна. |автор = македонските народни приказни |текст= <p... 22385 wikitext text/x-wiki {{Заглавје |заглавје =Маѓеснико што му баја на трите царцки снаи да родат по едно машко дете и едно од децата да му даат на маѓеснико бакшиш |глава = |претходна = |следна = |забелешки =Фантастична приказна. |автор = македонските народни приказни |текст= <poem> Неколку години поминале откоа 'и оженил синои си еден цар и снаите не му родиле деца. Бидејќи царо бил застарен и близу му била смртта, мило му било да види едно внуче од синои си, да после да умрит. Нарачал по сите градои да викаат тељали за кој еким, али кој вражач и кој бајач и маѓесник знаи да напраи некој маривет да му родат трите царцки снаи, колку азно ќе сакат, толку ќе му даит. Откоа довикале тељалите по сите градои и села, баеги време поминало што не се јави чоек при царо да му напраи некој маривет. Едно утро му дошол еден старец при царо и му се кажал оти тој знаел маривет да му забаит на снаите од царот и да родат по едно машко дете, ама од трите деца едно нему да му даат бакшиш да си го има за син. 'И викнал царо снаи си и му кажал за бајачо. Сите три кандисале само да родат, да од која да сака детето ќе му го даеле на бајачо. Откоа 'и врзаа збороите снаите и маѓеснико, изваил од една торба билки чемерики и му забаил на сите три снаи, му даде од тревјето да каснат и си отиде по работата. На годината, да блаосоиш, сите три царцки снаи си родиле по едно машко дете. Голема радос сториле снаите и царцките синои, а уште поголема сторил сам царот, оти му се исполни желанието со видуањето на три внучиња. Растоа, порастоа трите деца, и никако на ум не му идело дело никому за оти ќе сака бајачо едно дете. При се што поминале многу години (околу десет, дванаесет години), и еве му го бајачот со торбата на рамо, му се истресе на царо. И откоа сторија здраоживо, му наумил за зборо што имале со него и со снаи му да му даат едно дете бакшиш. Ја повикал царо големата снаа и је рече: — Е, снао, еве го старио дојде да ви земи едно дете, ќе му го дајиш ти твоето? Коа чула големата снаа тие зборои, косата је се кренала и му рекла: — Нема да му го даам моето дете, честити царе, чунки моето дете ќе биди за цар по смртта на татка си. Ја викнал постредната снаа, и таа не го давала, чунки таа го токмела за садријазам да је биди. Во тоа време се јави детето од помалата снаа и му рече на деда си: — Дедо, дедо, вие сте дале збор со мојата мајка на стариов и со мојте стрини за едно дете да му даите на стариов. Ако не му даате, страмота је за вас да си земите зборо назад, чунки ти си цар. Видуајќи јас оти мојте стрини се откажуаат и синои си не 'и даваат, еве сум јас, ќе му одам при деда, кај ќе ме носи, ќе одам и што ќе ми рече, ќе работам. На тоа згора немаше друго што да се праи, отколку царо да кандисат да оди детето, при сè што не кандисуала мајка му. Откоа се испростило царското внуче со деда си, татка си, мајка си и со сите домашни, го помолило старио да му ја даи торбата што ја носел — тој да ја поноси, да не му тежи на старио. Тргнал старио напред, детето по него и за неколку дни дошле во една пуста пустелија, кај што петел не пеал, кај што чоек не стапуал, и се запреле пред една железна порта од едни големи и страшни сараи. Отворени бидејќи портите, влегоа во големата авлија и старецот го остаи детето да постои во дворо, дури да пригоди мусафир одајата што имал маѓеснико, та после да влези внатре. Стоејќи детето во дворо, се опули насекаде околу сараите и виде една бавча многу голема со многу стари дрва, како во една голема пустелија и како да не стапила чоечка нога. Виде неколку чоечки глаи, закачени на колои. Видуајќи тие глаи детето, баеги беше се уплашило, да не би и негоата глаа да 'а закачи тамо. Во страо згора, проговорила една од глаите што била закачена и му рекла: — Момче, и ти ли идеш по тој проклет ѓаол, како јагне на касапница, како што сме дошле и ние? Слушај што ќе ти кажам јас нешто, чунки старио ја забораил торбата, посигни во неа и извај го едно остро шило што го има клаено старио и, коа ќе дојди од одајата да те вика, ти гледај тој да влези пред тебе во вратата, а пак ти да одиш по него и закачи му го шилото во плеќите и на часо ќе падни мртов маѓеснико на вратата и како јаглен ќе поцрни и ќе се стопи како сол во вода. Така ќе куртулисаш ти од него. А пак ако не го сториш тоа нешто, тој ќе те внеси внатре и ќе те клаи на ражен, та ќе те испечит како некое рудо јarне, та ќе ми те изеи како што не изел и нас и глаите ни 'и клал на овие колои. Во торбата има и еден ќулаф и него да го земиш и коа ќе го клаиш на глаа, ќе ce напраиш најслаб чоек, мрсулав, мрзлив и најсиромав ќе покажуаш. Откоа ќе го убодиш маѓеснико, ти ќе влезиш во сарајо и ќе видиш еден ауз. Влези во аузо и искапи се, та ќе станиш страшен јунак, силен и јак, што да победиш најсилна војска. Откоа ќе се искапиш, Ќе те пречекаат три-четири моми со најубаи алишта и ќе те променат. Отаде појди во големата ливада, та ќе видиш еден крилат коњ, вати го и јавни го, та едно ќе излезиш од сарајо надвор, ќе висни коњо што да можи и на часо ќе му довтасаат еден силен 'рслан и една 'рсланица, та ќе му застанат еднио од-десно и други од-лево, да го варда[т] коњо со стопано од секакви лошотии. Коа ќе сакаш да немаш коњо и 'рсланите, извај си ќулао од пазуа, клај си го на глаа и ќе го нема коњо и 'рсланите и ти ќе се сториш као најсиромав. Откоа се дорекоа тие зборои, ете го маѓеснико дојде и го поведе по себе детето да го носи внатре и едно дошле до праго, стори детето као да се уплаши и се поврати назад од праго. — Што се боиш дете, влегуј, влегуј, влегуј и не бој се! — му рекол старио. — Не знам, дедо, што ми дојде нешто као страв, влегујте вие напре, влегујте, та јас по тебе ќе влезам му рекло детето. И едно влезе старио со едната нога во вратата, туку му го удри шилото во плеќите и падна на праго мртов и си влезе детето во сарајо, та појде кај аузо и се искапало и, коа излезе од аузо, го пречекале едни најубаи моми, со најубаи алишта и го променија као некој зет. Коа се виде детето: страшен јунак, голем и силен, бестрашлив едночудо! Отиде во големата ливада и го вати обружанио коњ, та си го јавнал и едно излегол од сарајо надвор, виснал коњо што да можи и ете ти 'и 'рслано и 'рсланицата кај трчаат од големата корија и дојдоа кај коњо, кротки и мирни до коњот. Тргнал момчето да оди и дошол до еден царцки град, та слегол од коњо и си клал ќулафо на глаата и се сторил еден најсиромав чоек, и се прибрал до градината од царо, та го помолил бавчанџијата да го земи да работи во бавчата со друзите аргати, макар и забадијала. Молејќи му се многу царцкио син, го прибрал бавчанџијата да му растура гној во бавчата. Коа се засукало да работи, колку за петина работа сработуало. Се чудел бавчанџијата на негоата работа: навидум не бил некој јунак да се гледа, али за работа чуден бил, тики многу го замилуал и сè во бавчата го оставал да седи, и дење и ноќе cè тамо си седел. Едно утро беше се оптегнал царцкио син на буништето, свртен во пенџерињата на царцкио сарај. Во тоа време се отвориле три пенџериња и на секое пенџере застанала по една мома, три царцки ќерки која од која полична и поубаа, а најмалата била како сонце лична. Ами лее је кладе окото на малата царцкио син и, откоа се истаија двете сестри од двете пенџериња, остана само малата и тогај си го изваде ќулао од глаа, та на часо беа му дошле коњо и 'рслано со 'рсланицата и тој станал еден чуден јунак, личен и преличен; го разиграл коњо низ бавча, близу до пенџерето. Од кај што беше и стоеше, царцката ќерка му врли една киска позлаќена. Слезе од коњо царцкио син, си ја зеде киската и си ја закачил во чалбијата, та на часо си ја клал ќулавката и пак станал сиромав и мрсулаф, за да не го види некој со коњо. Бидејќи втасани биле трите царцки ќерки за мажење, заповедал царо во негоата царштина до што ерген има втасан за женење, секој да дојде на фиљан ден и фиљан место да си бендисаат царцките ќерки по едно момче и да си го земат за маж. До што било ергени во царштината и во друзите царштиње, сите беа дошле при царо и се наредиле на определеното место и излегоа трите царцки ќерки со едно позлаќено јаболко в раце и тргнале да си одбираат момчиња. Сопрво поминала поголемата ќерка да си одбира момче и, откоа 'и поминала сите на ред, си бендисала едно најбогато и најлично и го удрила со јаболкото. Коа виде царо, царицата и сите големци оти најарното момче си одбрала, сите се израдуале и голем ќеф сториле; тргна и средната, и таа одбрала најарно момче и за неа се израдуале; тргнала и најмладата да си бендиса момче и никое не бендисала дури дошла до царцкио син со ќулавката и на него го врлила јаболкото. Коа виде татко је и мајка је и сите друзи царцки риџали, дадоа вик: — Јан'лш, јан'лш, повторо да врли јаболко! Пак је дадоа јаболко и пак на него врлила; треќи пат па на него, и на треќкио пат се налутил татко је, та заповедал да ја клаат ќерка му во една одаја кај што 'и затвораат гуските и пајките и ич да не се јави пред лицето негоо, ни таа, ни па зето мрсулав. Курдисаа свадба да се праи за двете ќерки, токму три месеци. По неколку дни го заболеле царо очите и екимите му рекле да најди млеко од некоја 'рсланица да му тури во очите и да му оздравеат. Е, кој ќе оди да бара млеко? Зетоите се наватиле да му најдат. Се обружаа и се приготвија да одаат; тоа нешто го разбра цареата мала ќерка и му кажала на мажа је. Изваил тој ќечето и јавнал коњо, та отишол в планина кај што ќе одеа баџанаците и си напраил една колиба од шума, та се курдисал тамо да 'и чека. По неколку саати втасале баџанаците и се здрадале со него и 'и прашал кај одат и што бараат. — Ние бараме од 'рсланица млеко, пријателе, арно ама туку се чудиме кај ќе најдиме; колку за пари, чудо ќе даиме, само да најдиме. — Јас имам 'рсланица и еве 'а зад мене, пријатели — му рекол — арно ама со пари не го продаам, чунки со пари не сум го купил. — Ама со што ќе ни даиш, бре пријателе — му рекле — кажи ни да чуеме. — Со по еден жежок муур да ви удрам на буто, пријатели. Ете со тоа ви давам млеко. Коа чуја тие зборои баџанаците, се поопулија еден во други и му кандисаа да му удрит по еден муур на буто и му даи млеко. Одокоолу тој побрго си дошол дома и си седнал во гускарницата. По малце време му отворил џенг некој друг цар на тој цар и крена војска, та отиде да се бие со тој цар. Неколку дни што се би, не могол да се бие и сè назад му бегала војската. Во тоа време се јавил малио зет со 'рслано и 'рсланицата, та му се преставил пред царот и му посакал изим за тој да води војската и да се бори, та со име Божје ќе надвиел. Царо му дал изим и тој ја повел војската против душманот од деда си. Коа тргнал сабјата од ножница, коа го разиграл коњо и повел војската по себеси и кое тој сечи, кое 'рслано, 'рсланицата кини, кое војската, ја победија од другио цар војската и ја отмеа земјата што беше му ја зеле. Коа виде царо тоа нешто, на големо чудо беше станал и го прегрнал непознатиот јунак, та го целивал прао в чело и му го видел малио прс раскрцаен, та изваил царо негоа шамија и му го врза прсто. — Збогум, честити царе — му рекол малио зет — оти јас сум од многу далеку. Велејќи му така, царо изваил големи бакшиши да му дава, арно ама тој ништо не му зел и си дошол одоколу дома и пак си го клал ќулао на глаа и си останал пак сиромав и несмасен во гускарницата. Идејќи си царо со војската радосен, повторо курдисал свадба да праи за ќерки си. Сурли, табуани свиреле; гајди, дајриња свиреле, туку-така пукот одело во царцките сараи. Царицата при се што се радуала за двата зета, а пак жалела за малата ќерка, оти да земи такво мрсулаво момче, тики отишла да ја наѕри од пенџере малката ќерка што праи со паленио зет. Коа наѕрела, му ја видела шамијата од царот врзана за раката. — Али таа је, али не је — си велела — ја чекај да влезам в куќи, да видам арно. Влегла в куќи и, откоа се поздравила, ја видела шамијата и бездруго ја познала оти таа је што му је дала на царо коа отиде на војска. Се вратила дома и го прашала царо што ја стори шамијата. Тој је рекол: — Шамијата му ја дадов, честита царице, на еден голем и силен јунак, што дојде коа бев на џенг и откоа 'и победи душманите, си пресече прсто и му го врзав со мојата шамија. Коа чула царицата тие зборои, го зела по себе и го однесла кај помалио зет да си ја види шамијата врзана на негоио прс. Отишол царо и коа видел, се почудил и го прашал: — А, бре зете, од кај ја најде ти оваа шамија, ако не ми кажиш, тако ти Бога? — Ами ти лели ми ја врза, честити царе, коа бев на бојот против твоите душмани. Ако не веруаш, еве види ме сега! — му рекол и го изваил Кулаот од глаа. Та еве му го коњо, 'рслано и 'рсланицата, застанаа до коњо и тој се качи на коњо. Коа го виде царо, се вчудовиде и тогај дури поверуа оти тој бил јунако што му 'и победил душманите. Го грабнал да го бакнуа и да му сака прочка задека беше го клал во кокошарнико. — Тебе многу ти благодарам зете — му рекол царо — а пак на двата зетои им благодарам зашто ми донесоа млеко од 'рсланица и ми оздравеа очите. — И за млекото, дедо, мене ќе ми благодариш, чунки јас му го дадов млекото на баџанаците, удирајќи му по еден муур жежок на бутоите; ако не веруаш, појди соголи 'и и ќе му го видиш, еве овој муур, ја — му го покажал муурот на цаорт — и после да поверуаш! На тоа згора го моли царо да му прости што го клал во таа гускарница и го зеде со себе, та да го однесе во сарајо да го видат баџанаците и сите сватои. Уште поголем џумбуш се напраи и коа дојде да умира царот, него го кладоа за цар. По малце време прати по братучедите си и 'и донесе тамо, та 'и кладе и нив да бида[т] големци и си царуеле кој знаи до кога.* </poem> }} :Белешка :*) Спроти оваа приказна има една друга со зето од царо ќелеш. Одејќи царо на војска, тој на пато беше се закачил со еден слаб коњ во еден батак и коа врвеа баџанаците се биеја шега со него; а откоа си отидоа, тој се јави во војската најсилен и откоа ја победи војската, си го пресече малио прс од навала и царо му го врза со негоата шамија. Коа отишол у царо ќелешо на гости, си ја изваил шамијата да се бриши и со тоа се докажа на царо оти тој беше јунако. Исфрлил чкембето од глаата и коа го видоа едно момче со ѕвезда на челото. По смртта на царо, тој се стори цар. {{ЈС-непознат}} [[Категорија:Македонски народни приказни]] [[Категорија:Народни приказни собрани од Марко Цепенков]] qwyocy1dz6axi76pyqge3fsa7c81nl7