Wikisource
mkwikisource
https://mk.wikisource.org/wiki/%D0%93%D0%BB%D0%B0%D0%B2%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B0
MediaWiki 1.47.0-wmf.7
first-letter
Медиум
Специјална
Разговор
Корисник
Разговор со корисник
Wikisource
Разговор за Wikisource
Податотека
Разговор за податотека
МедијаВики
Разговор за МедијаВики
Предлошка
Разговор за предлошка
Помош
Разговор за помош
Категорија
Разговор за категорија
Автор
Разговор за автор
Page
Page talk
Index
Index talk
TimedText
TimedText talk
Модул
Разговор за модул
Event
Event talk
Царицата што била тешка и видела сон
0
10226
22386
2026-06-17T12:57:12Z
Orce Wiki
3746
Создадена страница со: {{Заглавје |заглавје =Царицата што била тешка и видела сон: ако изеи една зелена слива, ќе роди; и царо што најде слива во градината од еден силен арап и му го такса син му на арапо од петнаесет години да си го земи |глава = |претходна = |следна = |забелешк...
22386
wikitext
text/x-wiki
{{Заглавје
|заглавје =Царицата што била тешка и видела сон: ако изеи една зелена слива, ќе роди; и царо што најде слива во градината од еден силен арап и му го такса син му на арапо од петнаесет години да си го земи
|глава =
|претходна =
|следна =
|забелешки =Волшебна приказна.
|автор = македонските народни приказни
|текст=
<poem>
Многу деца беше му се раѓало на некој цар, арно ама сè му умирале. Бидејќи царицата била па тешка, је дошло на соно да најди зелена слива и ако изеит зелена слива, ќе го роди детето, а пак ако не изеи, нема да го роди. Му го кажала соно на царо и царо распратил луѓе по сите страни да бараат слива. Арно ама, нигде не нашле слива, чунки безвреме било.
На тоа згора се приготвил царо со неколцина од негоите големци и тргнал да бара зелена слива. Овде-онде по негоото царсто, не нашол нигде и отишол дури во Анадол. Врвејќи покрај една убаа планина, коа гледа — што да види? — Од што емиш има на белега века, имало во таа планина. Влегуајќи во планината, нашол една слива со зелени сливи и се израдуал многу оти нашол и скинал една слива. Едно ја скинал и еве еден страшен Арап му се јавил пред царот. Коа го виде царо и негоите другари, камен се сторија на местото од страо негов, чунки бил со една страшна уста, што да можи жив чоек да голтни, едни заби како од некоја дива свиња! Коа чкрипна со забите, огон пуштиле!
— Кој ти рече да скиниш од мојава градина сливи, бре чоече?
— Никој не ми рече, пријателе, да кинам, ами маката ме донесла овде што скинав. Ако сакаш, послушај ме што мака имам.
— Ја кажи ми да чујам што мака имаш — му рекол Арапо.
— Еве што мака имам, пријателе — му рекол царот. — Мене ми родила царицата шес-седум деца и сите ми умреле; сега ми је пак трудна, арно ама је дошло на соно: ако изеи една зелена слива, ќе го роди; ако не изеи, нема да го роди. Пратив луѓе по сите страни и нигде не најдоа; најпосле, станав јас и прошетав сето мое царсто и нигде не најдов, најпосле прејдов во овие страни и еве овде најдов и затоа скинав. Сега ако сакаш — дај ми ја, ако не — не давај ми ја! Ама те молам, стори еден аир и дај ми ја сливата.
Откоа го ислушал Арапо, завртел глаа и му рекол:
— Лели ти била за лек, ај земи ја, ама тоа дете што ќе се роди до петнаесе години ќе го имаш ти и од петнаесетте години ќе ми го даиш мене за мое да биди.
Виде-невиде царо, му се такса за детето до петнаесе години да биди негоо и после да биди од Арапо. Си ја зеде сливата и си отиде дома, та му ја даде на царицата сливата и си го роди детето, машко, како некое 'рсланче. Се израдуала царицата и царот дека му се роди таквоо крупно дете.
Детето коа дошло на една година, било као од три години; коа дошло од пет години, као од осум и коа дошло на осум, као од дванаесет години се кажуало, толку што растело. Секоа коа ќе го видел царо, сè ќе поронел солзи од жал што му идело задека ќе му го земел Арапо на петнаесетте години. Со денеска, со утре го видела царицата на неколку пати оти плачит и еднаш му рекла:
— Што поронуаш солзи, честити царе, коа го видуаш детето? Дали од радос што ти иди, дали од друго нешто?
— Не прашај ме, честита царице, оти не треба и ти да знаиш и после и ти да жалиш и солзи да рониш.
Слушајќи царицата тие зборои од царот, недраго је паднало и му се запнала да му кажи, ер што сака нека биди, треба да је кажи. Царо се отимал да не је кажи, таа го мачела да је кажи. Најпосле је кажал.
— Џан'м, ќе ти кажам, ама и ти ќе жалаш и ќе плачиш — је рекол. — Ете што ронам солзи: коа отидов во Анадол да барам слива зелена, врвејќи покрај една планина, што беше како некоја рајска градина, при сите јемиши што имаше тамо, видов и една слива со зелени сливи и си скинав една и ти донесов тебе; откоа ја искинав сливата, туку ми се јави еден Арап, многу страшен и силен, со една уста колку една ламја, со едни заби како од најголема дива свиња, едни очи како од некое биолиште; огон и пламен му излегуаше и од забите и од очите. „Кого праша да киниш сливи, бре чоече? — ми свика со еден силен и страшен глас. — Не знаиш ти оти оваа градина има стопан, бре?" — „Не знаев, пријателе — му реков — оти да знаев, ќе те прашав и коа ќе ти кажев оти за лек ја скинав, ти сам ќе ми скинеше, не една, ами две." Откоа му кажав за да родиш ти, ја скинав, тој тогај ми рече: „Коа така, ќе ти ја даам сливата, ама ако ми се таксаш, да ми го даиш детето што ќе ти се роди мое од петнаесетте години после." Да еве осум години поминаа и уште седум години ќе си поминат, брго-брго, и ќе си го немаме детето, чунки Арапо ќе ни го земи. Ете затоа жалам и солзи ронам, честита царице — je рекол царо со жалосен глас.
И коа чула царицата, многу се оскорбила и плакала.
Од тој ден ватиле да мислат царо и царицата како да му напраат да го откинат детето од тој проклет Арап. Думаа, шестаа, издумаа да напраа[т] едно училиште, да одат деца да учат, сите бојдаши на нивнуто дете и коа ќе дојдел Арапо да му го зема, да биди смешано, али скриено во тие деца и да не можи Арапо да го познаи, та да земи некое друго и нивното да му остани. Напраија училиште, насобраа деца и почнаа да учат.
Со еденска, со утре, стемни се, раздени се, си поминаа годињето и се нарочкаа петнаесет години и токму на петнаесетте втасал Арапо и прао отишол кај училиштето. Во тој саат сите деца беа во двор испуштени, царцкото дете било во една скришна одаја. Видуајќи го децата Арапо, сите беа се здрвиле на местото од страо негов. Тогај се погодил и царо тамо, та едно го видел Арапо, излегол во дворо и го пречекал.
— Каму го детето, бре царе, да си го земам?
Царо ватил едно друго дете за рака и му го подал на Арапо.
— Еве го детето, пријателе, повели, земи си го! — му рекол.
Коа видел Арапо оти сакал да го лажит, му се опулил со очите накриво и чкрипнал со заби и му рекол на детето наврекнато:
— Деца бре, кажете вие каде је детето од царо да го земам.
На страо одозгора му го кажале кај што било скриено и отишол Арапо, та го повел по себе и го натерал да се прости со татка си и со мајка си. Си го вкачил на газо од белата кобила и, као да го кренале ветриштата, си побегнал. Царо и царицата останаа во плач и во вечен жал со сио народ, чунки по смртта на царо не ќе имаше кого да клаат за цар.
Одејќи Арапо во својте сараи што ги имал во таа држаа кај што бил тој, го внесол детето во една одаја, му покажал јадење и пиење; го внесол во друга, кај што имало јачмен; го внесол во плевната кај што имало сено и го внесол во ааро, кај што му беа два коња и белата кобила врзани на јасли.
'И гледаш момче овие два коња* и кобилава? По три пати на ден тимар ќе 'и праиш, од онаа бистра вода ќе 'и наповаш, јачмен по еден шиник ќе му даваш, од убаоно сено ќе му даваш и по три пати на ден ќе му риниш и ќе му метиш и ѓубрето во оној аар ќе го врлаш. Ела по мене да го видиш тој аар.
Го однесе и му го кажа.
— Еве овдека, го гледаш овој црн коњ, нему ќе му даваш по три шиници пуза, од вурна ќе вадиш и наместо јачмен ќе му ја даваш да јади, ако праи цефа да неќи да 'а јади пузата, ќе го тепаш со вилата и наместо тимар пак ќе го тепаш со вилата утро-вечер и ќе му удираш по педесет вили по газо и вода ќе го наповаш од онаа гнаснана. Од ова што ти нарачуам јас, ако преступиш нешто, да знаиш оти жив ќе те изеам!
Слушајќи тие зборои момчето, беше му се стресла снагата коа од некоја треска коа да го стреси чоека.
Сакал-неќел, сеиз се сторил на Арапо да чеша три коњи и да му рини, да 'и рани и еден коњ па да го тепа двапати на ден со вилата, што ќе рини и врла гнојо. Кај беше учен тој да работи такваа решка работа, арно ама маката ќе го учи чоека.
Уште од првио ден царцкио син си засукал поли и ракаи и ватил да 'и чешла коњите и да 'и рани као што му рече Арапо. Маката го научи као да бил сеиз од триста години! Само една мака имаше: што го тепаше црнио коњ и со пуза го ранеше. При се што го тепаше со вилата помалце, пак многу го жалеше дека го мачеше, арно ама не смееше да не го тепа и да не му дава пуза наместо зоб.
По некое време го каниле Арапо при некој цар на свадба да се бори со некој друг Арап.
— Слушај вамо, момче, еве јас ќе одам на свадба и ќе се забаам неколку дни. Ти си 'и гледај коњите и сараите. Немој да те мачи грео да бегаш, оти во волов рог да се пикниш, јас пак ќе те најдам и ќе те кинам парче по парче. Ај сега седи со здрваје! — и си отиде Арапо.
Затвори портите момчето и откоа и исчешла трите коњи и 'и наранил, зел еден шиник јачмен и му дал на црнио коњ. Коа виде црнио коњ оти јачмен му даде, а не пуза, се уверил коњо оти детето је набожно и милосливо и му прогоорил:
— Благодарим ти, момче, за доброто што ми го стори. Сопрво ќе ти кажам нешто за да се чуаш: таа белата кобила, таа ми је мене мајка, а пак двата коња ми се браќа; бидејќи јас бев појунак, браќата ми ме запизмија и летајќи по облаци со Арапо на мене, не знам како напраија браќа ми и ми напраија една препка и паднав наземи сосе Арап, та од тој инат ме накажа со оваа мака до седум години. Гледај коа ќе ми носиш јачмен, да гледаш да не те сетат браќа ми и после ќе му кажат на Арапот, та можи и тебе да те накажит со кој знаи каква мака, али ќе те раскинит на триста парчиња. Ами ти, бре момче, као дојде овде за да бидиш сеиз?
— Ее, како, брате коњу, де како: не можела мајка ми, не можела да ме роди мене и је дошло на сон да изеи една зелена слива за да роди. Дошол татко ми овде со негоите луѓе, чунки мојио татко је цар. Нејсе, видел царо зелена слива и скинал една, Арапо излегол и сакал да го расипи, та му се таксал до петнаесет години да ме има татко ми и од петнаесе да ме земи мене и еве ти го токму на петнаесет години дојде и ме зеде.
— Ами сакаш да си одиш дома, момче?
— Ами неќум, бре брате коњу, туку кај можам да одам?
— Лели сакаш, момче, а сега ти мене јако да ме раниш да земам кувет и јас ќе те однесам дури дома и ќе ти се најдам дури си жив во најлоша нестреќа, Госпо да чуе! При сè што ќе ме раниш, пак коа ќе идиш при мене, удри со вилата на купо од гнојо и карај ме мене да слушаат браќа ми и да не веруват оти ќе бегаме.
— Е, сполај ти Госпо, што си многу милослив. Поможи ми да се избавам од ова ѕвере.
Си 'и гледал трите коњи као напре и уште поарно од као што напре. И пак на црнио коњ саде јачмен што му давал наместо сено и од најубаата и чиста вода, цел ден што го чешал со чешалото и го бришал со ѓебрето, како од како да земи кувет и да бега. Во три-четири дни се куветлеиса коњо и, пред да бeгаат, го натерал да влези во една одаја да види што има. Влегло момчето и што да види: цела коскарница од млади како него деца. Косата му се кренала од страв што му дошло. Дошло при коњо и му кажал.
— Ете и твојте коски тамо ќе ти бида[т], момче, ако не побегниш. Појди во онаа одаја и тамо има седлото мое позлаќено, зобницата, чешалото, чешело и ѓебрето и донеси 'и, та потседлај ме и качи ми се, та да бегаме дури е брго.
Отишло момчето во другата одаја и го зело позлаќеното седло, зобницата, чешалото, чешело и ѓебрето. Си 'и клало во бисагите, си дошло при коњо и го обружал.
— Слушај, момче, ти сега да ми ја собериш опашката на купче, да не се веит некое влакно, чунки летајќи по облаци јас, ако има влакно пуштено ќе пукни као некој најсилен топ и можи да чуе Арапо, та ако ја јавни мајка ми, ќе нè втаса и ќе нè загуби.
Откоа 'и чуло тие зборои момчето, му ја собра опашката и си го јавна, та летнал по облаци и, за пакос, беше останало едно влакно неврзано, та беше ти пукнало као некој топ најсилен. Чул Арапо кај што бил на гости и на часо рипнал и со голем јуриш си дошол дома и коа виде: коњо го нема, и момчето го нема.
На часо ја престегнал кобилата и со голем јуриш се пуштил по облаци и беше го привтасал.
— Ах, проклето момче, ами сега кај ќе бегаш?
Слушајќи тие зборои момчето, беше се стресло од страв.
— Не бој се, момче, врли го чешелот, да стани една гора.
Го фрлило чешело и се сторила една гора. Кое Арапо кршел од гората, кое кобилата. Ја поминаа гората, и пак 'и привтасаа.
— Врли го чешалото, момче — му рекол коњо — да се стори една планина.
Го врлил чешалото и станало една голема камениста планина и дури да 'а помини Арапино, пак момчето беше откачило баеги место. Тука, тамо, пак беше ја поминале планината и 'и привтасал Арапо.
— Врли го ѓебрето, момче, да станат едночудо трње.
Го врли ѓебрето момчето и пораснаа едни страшни трње. Дури се мачија Арапо и кобилата да 'и искршат, баеги место беа откачиле. Арно ама Арапо пак беше 'и привтасал.
— Леле, брате коњу, ами сеа што праиме? Ене го Арапо, не привтаса.
— Држ' се, момче, и ич не бој се леи до овде стасавме! Врли ја сега зобницата и ќе се стори една река врела.
Ја врли зобницата и се сторила една река од врела вода. Дојдуајќи Арапо до реката, застанал со кобилата, а пак од другата страна застанал црнио коњ со момчето да починат. Пред Арапо се нашол еден воденички камен и беше го кренал на рамо, да го премини преку река, со ниет да не изгори. Тоа беше го натерало грео да го стори, да пропадни во река и да куртулисаат толкуа свет од маките на тој ѕвер, на ѕвероите цар. Едно влегол во реката и беше пропаднал на дно на водата и тамо се сварил сосемати кобила.
— Еј, момче, дај си крчмата му рекол коњо оти и ние куртулисавме и цел свет го куртулисавме од тој проклет Арап, што немилостиво нè мачеше нас и друзи многу свет. Сега истргни зобницата да е снема врелата вода, за да не попари друзи без кабает луѓе. Ај да се вратиме назад, да го земиш чешело, ѓебрето, чешалото и да појдиме во сараите од Арапо, да 'и пуштиме сите робје што се затворени, да не умрат за права Бога.
Ја тргнало момчето торбата и се вратиле назад и отишле во сарајо од Арапо и со прво 'и пушти браќа си (коњите) и му рече:
— Еј вие, браќа, видовте оти правината се танчи и не се кини? Ете како ме куртулиса Господ мене и еве као ќе ве куртулисам и вас и сите што се заробени во овој пусти сарaj.
Слушајќи браќа му на коњо тие зборои од брата си, многу му се благодарија и прочка му сакаа задека беа го пизмеле толку. И одврзало момчето од кај што беа врзани и 'и пушти да си одат кај што сакаат. На таа добрина што му ја стори царцкио син извадса по едно влакно од опашката и му го дадоа да си 'и чуа и ако му потреба некоаш да го нагори и ер кај да je ќе му дојдат. Изваде 'и црнио коњ едно влакно од опашката и му го даде; беше му дал и едно шаторче за од сонцето да се чуа, а па коа да сака да седи во голем сарај, да го закачи крајо вземи од шаторчето и ќе станат едни чудни сараи, со сите уредби.
Потоа после отидоа во една скришна одаја. Коа ја отворија, што да видат? — Едночудо терзии, сите 'и испуштија. Коа виде баш мајсторо оти 'и испуштило момчето, многу ме се благодарил и му дал три ореи; во трите ореи имало три катои алишта, што да 'и нема во ниедно царсто. Отворија друга одаја и тамо најдоа едночудо куменџии и нив ги пуштило момчето и тие многу се благодариле дека 'и испуштило и му дал устабашијата три лешници, во трите лешници еден прстен со бесценет камен, во другио обетки од џеваири и во треќио белегзии, и тие со бесценети камење. Отвориле треќата одаја, тамо нашле од секакви занаетчии и нив 'и испуштија. Му влегоа во од Арапо одајата и до што имаше скапи работи, сите му 'и зедоа; му ја зедоа и негоата сабја, што му била обесена; сабјата се диплела и в пазуа се носела. Откоа ја свршија таа работа, му удриле огно на сарајо и прав и пепел се сторил, без да се познаи местото кај бил праен.
— Еј сега, момче, кај сакаш да те однесам, кажуј? — му рекол коњо.
— Ќе ме однесиш во еден царцки град, пријателе — му рекло момчето — и до царцкио палат ќе ме остаиш.
— Мошне арно, ела качи ми се и сега ќе те однесам — му рекол и му се качило момчето, та летнал коњо и го однесе во некој царцки град, та го симнал до царцката градина и невиден бис се сторил коњо од пред него.
Гледа момчето царцката градина и влегло внатре, та се пазарило да му работит на градинарот без пари. Работејќи неколку дни, видело на пенџерињата од царцкио сарај трите царцки ќерки. Од сите три најмалата била најлична и најумна и ја бендисал. Едно утро многу рано беше го жегнал влакното од црвенио коњ и на часо довтасал при него, та отворил еден орев и коа изваил едни алишта, што немало на никоја земја и се качил на коњо, та коа го разиграло коњо, за мила убаина! Како некој ангел прилегал!
Видуајќи го, цареа ќерка голема севда врли на него и на часо слегла од сарајо, да стори здраоживо поодблизу со момчето, арно ама во тоа време тропнала вратата од градината и цареата ќерка беше се вратила, момчето слегло од коњо и го испуштило, а пак рубата си ја клало во орео.
Утрото па така беше го јавнало коњо Ѓоко и со друзите алишта беше се променило и пак не би к'смет да се стави со царцката ќерка, да си прогоорат два-три збора.
Треќио ден, се променило во најубаите алишта и си јавнал црнио коњ и коа излезе цареа ќерка на пенџере, летнал коњо и застанал на пенџерето, та си прогоориле царцкио син и царцката ќерка за да се земат.
— Трај, момче, уште некој месец, чунки татко ми сите три сестри ќе нè мажи и ќе вика до што има ергени во нашава царштина да си одбираме. Помеѓу сите ергени и ти да бидеш; помеѓу сите ергени јас тебе ќе те бендисам и на тебе јаболкото ќе го врлам.
На тие зборои извади трите лешника момчето и му ји даде, да знаи оти ќе 'а земит.
По некој месец прати абер царо по целата земја да дојдат сите момчиња што се за женење од богаташите, за кое момче ќе го бендисаат царцките ќерки тоа да си го земат. Сите момчиња беа дошле и беа се наредиле кај што биеле сурли и тапани. Се наредиле трите сестри на еден висок стол и почнале момчињата да врват и си бендисале двете сестри по едно момче, што биле најубаи и со најубаи алишта и си и удриле со по едно јаболко, та си 'и зеле. Откоа изврвеа сите момчиња и најпосле помина момчето што беа се бендисале со цареа ќерка и на него таа врлила со јаболко. Коа виде царо, царицата и сио мезлич, свикале:
— Јанл'ш јанл'ш! Повторо да поминат сите момчиња!
Повторо поминаа, па таа на него врлила. Па свикале:
— Јанл'ш се сторило!
И на треќио пат веќе се налутил царо, и го зела тоа момче, при сè што било парталао. И заповедал да му ја даат одајата кај што ги затворале гуските; тамо да иди малата ќерка. А пак двајцата зетој 'и кладе за садијазами и сè со нив ручал и вечерал. Ќерките сè со царо вечерале, а пак малата ќерка и зето ни баре сакал да го види него и неа.
По малце време ватија очите да го болат царот. Сите еќими го лекува и не би чаре да го оздрават. Најпосле некој стар еќим му кажал на царо да бара од пиле млеко и трипати да му тури, ќе му оздравеле. Кој ќе оди да му бара од пиле млеко? — Зетоите. Ce спремале двата зетои да одат да бараат млеко и научила малата ќерка коа ќе одаат и која страна ќе одат, та му кажала на момчето је. И тоа жегнало влакното од црнио коњ и на часо беше му дошол коњо. Го јавнал и пред нив излегол и 'и заминал. Кондисал во планината и го закачил шаторчето вземи и се напраиле едни царцки сараи. Видуајќи сарајо царцките зетои се вратиле тамо и се кунуштисале со момчето без да го познаат кој је. И прашало момчето од каде се и кај ќе одаат. Тие му кажале правината оти бараат од пиле млеко, за очибол да лекуаат на некој стар чоек.
— Јас имам, пријатели, од пиле млеко. Ако сакате, да ви даам? — му рекол.
— Ако ни даиш, ќе ти бидиме благодарни, пријателе, и колку пари ќе ни сакаш, ќе ти даиме — му рекле.
— Не сум чоек за со пари да го продаам тоа млеко, пријатели, чунки јас со пари тоа пиле не сум го зел — му рекол.
— Ако не со пари, ами со ошто ќе ни го даиш, бре пријателе?
— Со по еден муур да ви удрам на буто, пријатели — му рекол — со тоа ќе ви даам.
Се позамислија двата царцки зетои и му се навртоа да му удри по еден муур на буто и му дал козјо млеко и 'и испуштил. На часо, жегнал сите три влакна од коњите и сите три дојдоа кај него.
— Кажуј, момче, што си нè викал? — му рекле коњите.
— Ве викав да ми најдите од пиле млеко, да ми го наполните шишево, ама колку е возможно побргу.
Слушајќи тој збор коњите, летнаа и, не би час, му донесле. Откоа му благодарил на коњите, си го јавнал Карамана и друзите 'и испуштил и си го извади чад'ро одземи и го снема сарајо, та понапред од баџанаците си дошол дома и го испуштил коњо.
Донесуајќи млекото двата зетои на царот, му туриле во очите и наместо да му оздрават, уште поеќе го болеле. До трипати што му тураа, се полошо го болеа. На треќио ден ја прати момчето малата ќерка при царо да му даи леко за очите.
— Ајде, бегај оттука, ујлијо несреќна! — је свикал на лутина царот. — Мене двата зета ми донесоа од пиле млеко и не ми оздравеа очите, а па од твојио мрсулав маж ќе ми оздравеат.
— Ако, тате, ако, обиди и од мене, жити мене! Намачкај си 'и, да белким му је на нестреќнио зет по рака и да ти оздрават.
Видуајќи ја мајка је оти нажалено се моли на татка је, го кандисала царо да си 'и намачка. Зел царо од млекото на малио зет и си 'и намачкал, та на часо му оздравеле. Коа виде царо оти му оздравеа очите, заповедал да је даат еден стар конак за седење и да не седа[т] во гускарницата.
Поминало некое време и му навлегол некој цар со силна војска во негоата земја, та сакал-неќел, и тој требало да крени војска и да оди да се тепа и да го врати од својата земја. Се зготвија двата зета и целата војска за да тргни. Отишла и помалата ќерка при царо да го моли да му даи еден коњ и тој да оди на џенг.
— Ајде, бегај оттука, мори несреќна ќерко, не додевај ми, оти ќе ми донесиш некој страм со тој пусти маж твој! — је рекол.
— Аман, тате, жити мене, дај му еден коњ, да белким нема да те застрами — му се молила со пла-чење.
Коа виде оти плачи ќерка му, заповедал на риџалите да му даат еден коњ тој каков што да сака. Го викнале риџалите и го пратиле кај коњите да си одбери некој коњ. Одејќи кај коњите, си одбрал еден постанат и го јавнал, та отишол во некој батак што имало покрај пато кај што ќе врвеле царо и војската.
Коа дошол до тоа место царот и го видел зета си закачен во калта, умре од страмота од големците што го гледаа.
— Види го кај се закачил, проклета му душа, во батакон! — си зборуал сам со себеси и ја вртел глаата да не го глеа.
А пак тој викал и го карал коњо:
— Дее, бре пустињо, излези, да не излезиш, кај те намери ѓаоло и таксирато? Дии, пустињо! — така го колнеше и го тепаше.
Сите големци и сета војска се смееше и се шегуаше. Откоа замина војската, го извади коњо од калта и го пушти да паси. Жегнал влакното од црвенио коњ, дошол коњо и го вјавнал, та летнал и дошол до некој висок рид и слегол од коњо, та го закачил чад'рчето и се испраил еден страшен сарај.
Дошла војската на местото кај што ќе се тепаа и се отворил џенгот. Удри тие, удри тие и туку едно време даде плеќи царо во војската. Видуајќи момчето оти падна дедо му, го јавна Карамана, изваило сабја дипленица и јуриш по аскеро од туѓио цар. Кое тој сечи, кое коњо гази, ја победи војската и си отишол во capajo.
Утредента две војски донесе другио цар и па го победи царо и трешти да бега сио аскер. Видуајќи момчето оти паѓа дедо му, жегна другото влакно од коњо и го јавнал Ѓоко, та му се пуштил на аскеро: кое тој сечи, кое коњо гази и со заби кини, па 'и избрка и наттепа.
Царо и аскеро туку седи и се чуди од кај ќе биди тој јунак што на двапати 'и куртулисал од толкуа голема војска.
На треќио ден уште поеќе аскер донесол другио цар, арно ама уште незаватена кавгата го довикал црнио коњ, го јавнал и му се пуштил со сабјата, а по него и самио цар со војската; удри гиди, удри, сечи, тепај, гази, асли-ќелам го надбија тој цар и му влегоа во негоата земја, та му зеле арач. Откоа го победија, си го пресече малио прс малио зет од царо и видуајќи го царо со прстот пресечен, извади негоата шамија и му го врза прсто. Си дупна коњо момчето, си отиде кај сарајо, та го изваде чад'ро и си отиде пак кај батако, та го закачил коњо во батакот тамам коа се враќал царо од џенго. Едно го виде, заврте глаата настрана да не го гледа.
— Ах, ќерко, ќерко, да би аир не видела, што ме устрами со ова момче твое! — си велел сам со себе царо и си заминал.
Сета војска што помина се смееја и се шегува со него; а пак тој само го карал и го тепал коњо, ѓоа не излегуал од калта. Откоа изврвела војската и си влегла в град, го изваил коњо, го јавнал и си дошол дома со коњо саде во кал и тој сио извалкан. Секој што го виде, сè шега се биел. А пак коа го видела царицата, многу мака је дошло дека таков зет да има.
Курдисаа сурли и тапани да праат народо шенл'к. Поканил царо гости сите големци, курдисал трпези да јадат и да пијат и шенл'к да праат дека го победија тој цар што сакаше да му ја зимат земјата.
Царо седел на чело, двајцата зетои до него, весели и радосни; јадат и пијат, само малио зет не бил тамо, чунки царо неќел да го види тамо, да не го страмит дека не бил вреден за ништо.
На тоа згора, ја пратил невестата си да му речи на царо да дојди и малио зет на ручеко кај што се сите големци.
— Тате, ти се молам, ај нека дојди и моето момче на трпезата, да и тој да се порадуа дека го надбивте другио цар — му рекла.
— Бегај оттука, несреќнице, нито тебе те сакам, нито него, што ме устрами пред целата војска со коњо во калта — је рекол.
— Ти се молам, тате, нека дојди и моето момче, да ако те устрами вчера, ќе те зарадуа денеска. Лош, арен, ете тој ми бил к'сметот.
— Е, ај нека дојди, ама најдолу нека седи, со децата, оти тој за таму је достоен, а не до мене и до негоите баџанаци — је рекол царот.
Отрчала цареа ќерка и го зела момчето је, та го донесла на трпезата најдолу во децата, тамам спроти царо да го гледа и седнале со цареа ќерка. Дошла измеќарката и му полеала вода да си измие рацете. Пред да му полеат вода, си го одврзал прсто што беше му го преврзал царо на џенго и ја остаи шамијата на колено, та си измил раците без да го натопи прсто и ватил да си 'и брише рацете со таа шамија. Гледајќи го царо под око, се почудил коа му ја виде негоата шамија у него.
— Еј, шоана, онаа шамија јет што му го врзав прсто на јунако што ја исече сета војска на другио цар. Ја стани, мори царице, и појди кај малио зет да му ја видиш шамијана чија је? — је рекол царо на царицата. — Мене ми се гледа као да је мојата, што му го преврзав прсто на јунако што ја сотре војската од другио цар што ми навлезе во земјата. Ако је мојата шамија, треба да му се одврзала од прсто и му паднала негде, та овој ја нашол.
Отишла царицата при зета си и му ја видела шамијата; коа гледа — истата шамија.
— Кај ја најде, зете, оваа шамија? — го прашала и му ја зела од раце, та му ја однесе на царо да 'a види оти је негоата шамија.
Тогај царо се зачудил коа ја видел у зета си негоата шамија и го викнал при него од кај што беше во децата и го прашал:
— Од кај ја најде оваа шамија, бре зете?
— Ами ти лели ми го врза прсто, бре дедо, коа бев на бој за да ти поможам.
Коа 'и чул царо тие зборот, се вчудовидел и вати да го гледа со четири очи.
— Ама коа беше во батако закачен, сакаш да ми речиш? — му рекол.
— Не коа бев во батако, честити дедо, ами коа бев со црвенио коњ и го сечев аскеро на другио цар што сакаше да ти ја земи земјата и коа бев со Ѓоко и црнио коњ. Ете тогај си насеков прсто и ти ми го врза и ме бакна в чело.
— Не слушај го, честити дедо! Не слушај што те лажи тој недостоен зет, што те застрами на пато, лежејќи во батако — му рекле двата зета.
— Јас не сум го застрамил деда ми, бре баџанаци, ами вие го застрамивте сопрво коа му донесовте млеко за очите не од пиле, ами од овца и тоа млеко јас ви го дадов за без пари за по еден муур на буто. Ако јас лажам, честити дедо, собуј му гаќите на мојте баџанаци и ќе му го видиш мојио муур. На, еве, спроти овој муур, ja! — му го покажало мууро.
Коа 'и чул тие зборои царот од малио зет, 'и внесол во една одаја двајцата баџанаци и 'и натерал да си собујат гаќите и му 'и видел муурите, та поверуал за тоа нешто, арно ама за оти тој је јунако што го расипал другио цар, неќел да го поверya.
На часо го жегнал едното влакно од црвенио коњ, изваил една руба од еднио орев и му се качил на коњо, изваил сабјата од Арапо и го разиграл коњо во широкио двор и тогај дури поверуа царо, царицата и сите гости што беа тамо.
Коа гледала малата царцка ќерка, од радос ќе излетала, а пак другите сестри од мака ќе пукнеа, а па баџанаците онемеа од страм што му паднало. Го испушти првио коњ, ја собра во ореот таа руба и жегна другите влакна, дојдоа другите коњи и со нив му поигра во дворо за да види царо оти тој је јунако што го куртулисал од таа силна војска. Испуштил и тие коњи, та отишол при царот променет со најубаите алишта, што 'и немало во ниедно царсто. Го грабнал царо и го бакнал трипати в чело и му и посакал прочка што не го сакал на трпеза. Го избакнала и царицата и го кладе царо од десната страна до него, а пак двата баџанаци 'и кладе кај децата за честа да му се донеси наместо на помалио зет.
Тогај се променила и малата цареа ќерка со најубаите алишта, со прстено од лешнико, со обетките, со белезите што му 'и даде момчето. Кое зето светеше со алиштата, кое таа светеше со најубаите бесценети камење, тики светнало како ден одајата кај што седеше царо и царицата. Радоста беше голема од сите, само од двата зета не беше, чунки излегоа во лага со млекото за очите. Тогај царо го прашал малио зет од каде је и чиј је.
Слушајќи момчето тие зборои и од деда си, заватило да кажуа со ред како била трудна мајка му, како му се сонило на мајка му да касни слива зелена и да роди, како го зел Арапо и сето со ред, да дури до коа се бендисале со ќерка му од царот и сето со ред. Сите што чуја тоа — се почудија на јунастото негоо и на маките што ги превидел од Арапот.
Поседел неколку месеци кај деда си царцкио син и го спојмел деда си да си оди при татка си и мајка си за да го видат и да се израдуаат. При се што го молил царот да седи при него, и му таксуаше тој цар да биди, тој не сакал, чунки и тој имал татко цар и тамо пак цар ќе бидит. На тоа згора, се зготвиле. И откоа се простиле, жегнал влакната од двата коња и на часо беа дошле обружани со тие најубаи седла и си одлетале во негој'о град и си дошле при татко му и мајка му.
Коа си го видоа татко му и мајка му оти живо му дојде, па и со невеста, неисказана радос сториле. Курдисале свадба повторо, удриле свирки и чалгии; поканиле гости, пријатели и се веселиле токмо три месеци време...
И по смртта од татка си тоа се воцарило и го намножило царстото едночудо и дошло комшија со царстото од деда си и си оделе на гости еден у други дури биле живи.
</poem>
}}
:Белешка
:*) Еднио бил црвен и другио ѓок.
{{ЈС-непознат}}
[[Категорија:Македонски народни приказни]]
[[Категорија:Народни приказни собрани од Марко Цепенков]]
6v0neiua75u79733qhmy7k2bxj4ofv6